Кога светците маршираат!

Согласно првиот њутнов закон, врз секое тело дејствуваат силите на инерцијата, што тежнеат да го одржат во состојбата на мирување или движење, во која се наоѓа. Многупати во минатото се имаме уверено и во врска со МПЦ, дека и за нив е во важност истиот тој закон, што изворно се однесува на бездушните тела, а особено кога општеството и средината минуваат низ турбулентни периоди на драматични превирања и промени, односно, во оние моменти кои од секого изискуваат храброст, одважност и заземање на јасен став.

Но, во последно време се забележува и навидум спротивна појава. По се изгледа, како нешто одвнатре да ги вознемирува и буди од длабок сон духовите во оваа, инаку пословично зачмаена организација. Од една страна, се забележува одредено прегрупирање на структурите и клановите, една „крцкава“ диференцијација, престројување и факторизирање во однос на новата политичка реалност и владеачка елита. Сепак, од друга страна, се чини дека главната мора што ги тишти нивните „главучи“, што не им дава мир и како смртна сенка ги следи во чекор, не е директно поврзана со актуелниот процес на конверзија и тековното „преслекување“ на политичките дресови, туку со некои многу подлабоки општествени и цивилизациски процеси, во рамките на кои, јавноста во нашата држава неповратно го губи интересот и развива рефлексна ревулзија кон присуството и појавата на оваа, одамна „офуцана“ конкубина.

Оттаму, при високата порта на нашиот дел од пеколот, веројатно станале свесни дека работата „не им чини“ и дека на пазарот на вредностите од општествено влијание и политичка употребна вредност, а оттаму и привилегиран статус и материјална благосостојба, нивните акции незапирливо паѓаат и наскоро, по се изгледа ќе станат безвредни, та го вклучиле алармот и ги впрегнале сите сили во „зортот“ да изумат нови „марифетлуци“, за некако да се спасат од извесната пропаст и продолжат да оперираат во нивниот занает, макар и на некое позафрлено темно ќоше од историскиот „ред дистрикт“.

Свесни за својот суштински хендикеп, отсуството на благодатта Божја и нејзините пројави, толку перманентно, многувидно и изобилно иманентни за канонската Православна Црква, од чијашто соборност тие до ужаснатост се плашат и противат да станат дел, овие ајдути и неранимајковци здушно се вдале во суноврат пиратски потфат, по секоја цена да се дограбат до колку е можно повеќе предмети, остатоци и други материјални сведоштва од присуството на славата Божја низ историјата и минатото на просторов, што токму тие, наврапито и ѕверски го окупираа и испустеа од несоздадената благодат, пред точно половина век!

Во тоа светло може да се гледа и на трескавичната потрага по црковно-историски личности, чијшто идентитет може лесно да се украде и доработи, односно, во оскудност на историски податоци и живи сведоштва, шпекулативно и маркетиншки да му се учитаат агиографски атрибути, та истиот да биде лиферуван како новопројавено светителство, што повторно, впечатливо сведочи за една очајничка потреба од рехабилитација на целосно срозениот углед и неповратно компромитираната црковност на МПЦ.

Токму, внесени во една слична маскарада, деновиве имавме прилика да ги видиме началнициве на расколот и верни заедничари во скепсата кон Црквата и кон остварувањето на Божјата промисла за нејзиното административно устројство и пребивање во светот, како со таквиот, ним својствен начин на мислење, без да имаат жив опит на личносно заедничарење во Телото Христово, од небото под облаците, им паднало на памет и наводно, дошле до сознание за нечие светителство и преподобност на Христа!?

Настрана фактот што извесниот монах Јоаникиј никогаш не припаѓал на нивната парасинагога, којашто воопшто и не постоела во времето на неговото упокојување, повеќе од очигледна е острастеноста на овие очајници, најбескрупулозно и по секоја цена, со кражба на личен идентитет, макар што своеволно пребиваат во бесознанието на смртната сенка, со помош на ефтини трикови и циркузантски опсени, за инат на сите, во рамките на нашава провинција да се прикажуваат како да се живи!

Се запрашал ли воопшто некој од нив, што мислат за таквите „канонизации“, токму луѓето чиишто имиња и животи ги злоупотребуваат за потхранување на забудата на расколот? Конкретно, дали игуменот Јоаникиј попрво би прифатил да биде извесен и чествуван како светител, но надвор од Црквата и во неединство со Христа, или макар и како разбојник осуден на смрт, но заедно со Него?

Дотолку повеќе што, станува случај за злоупотреба на идентитетот на човек што докажано имал високоразвиена соборна свест, заради што и во текот на целиот свој живот, макар што на ова подрачје дејствувала и расколничката бугарска егзархија, одлучно и припаѓал на канонската Православна Црква. Ете, таквиот човек, немајќи во своите редови никакви знаци на светост, расколниците од МПЦ го крадат и патворно, односно лицемерно го прославуваат, всушност обидувајќи се со туѓи пердуви да ја маскираат сопствената беда и безблагодатност. А за да биде иронијата и бизарноста на чинот побласфемична, тоа се истите оние, коишто по завршувањето на Втората Светска Војна, со помош на безбожничката власт, не му дозволија на надлежниот митрополит скопски Јосиф, чиешто верно чедо, пријател и духовник бил самиот Јоаникиј, да се врати во својата епархија и при својата паства.

А не така одамна, од недрата на својата несветост, од дамарите на своето разузнавачко-полициско тело, на политикантски начин и за потребите на политичките узурпатори, МПЦ се дрзна да прогласи за светител еден друг игумен (малку извесниот Кипријан, од манастирот во с.Слепче), за чијашто светост, освен што, од перспективата на раскол е невозможно да им стане преданиски извесна, воедно, речиси да не поседуваат и никакви релевантни материјални докази! Имено, за човекот се знае само толку дека во услови на незапамтена немаштија и глад, настрадал од арамии, Албанци-муслимани по потекло од Колун (во близина на Корча), на коишто, одбивал да им открие каде го крие манастирското злато. Нормално, наци-штурмерите од редовите на синодот, не ја пропуштија таквата прилика да долеат масло на огнот на омразата и поделбите кои во тој момент се разгоруваа во нашето општество, хушкајќи го безмилосно својот народ во крвава братоубиствена војна.

Светители на Православната Црква, без исклучок можат да бидат само оние личности кои се осведочиле и вградиле во службата за единство на човештвото (и останатото создание) со Бога, односно во домостројот на спасението, што по благодатта Божја се остварува во заедница на Телото и Крвта Христови.

Со други зборови, кога размислуваме за светителите, најповеќе ја имаме предвид екуменската димензија на нивната личност, којашто одлика во најголема можна мера придонесува кон сличноста и односот на човека, со Христа.

Или посликовито, луѓе коишто, за разлика од расколниците, во Црквата пристапуваат и учествуваат како во установа, во којашто се се уредува според распоредот на Божјата промисла, а такашто никој да не изостане и биде оскрбен, туку напротив, секој да се збогати во мерата колку што и самиот е спремен, своевремено да го прими Христа.

Тоа се луѓе со неподелено расположение, коешто бескомпромисно ја претпочита заедницата на личностите во Светиот Дух, заради остварување на општочовечкиот интерес за обожение во Телото Христово, повеќе од секакава друга припадност, привилегија и чест.

На крајот од краиштата, светителите се луѓе коишто целосно ја имаат усвоено верата како начин на мислење и познание, такашто станале способни непосредно, односно лично да го познаваат Бога, та без испитување и без увид во полнотата на Неговата промисла (такаречи, на невидено), да ја извршуваат секоја поединечна Негова воља, колку и таа, во дадениот момент да не се совпаѓа со нивното расудување.

Сите тие луѓе, безрезервно припаѓајќи и на Црквата Божја, премудро сфатиле и одбрале дека осознавајќи и раководејќи се според верата, макар што можат многукратно и многувидно да бидат оскрбени во рамките на овој век, сепак, единствено на тој начин, нема да загубат ништо од блаженствата во вечноста.

Затоа, на секој загрижен и одговорен човек треба да му биде кристално јасно, како што впрочем и на птиците по дрвјата веќе одамна им е, дека МПЦ нема и не може да има ништо заедничко со светоста и дека да опстојуваш во раскол заедно со таа клика, во однос на христијанството, спасението и вечниот живот, му доаѓа слично како да чекаш автобус 2-ка на постојка во Ново Лисиче или, да се возиш со 5-ка надевајќи се дека ќе стасаш во Автокоманда!

Advertisements
This entry was posted in на македонски јазик. Bookmark the permalink.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

w

Connecting to %s