Расколот и благодатта

Расколот во својата суштина е протест кон Црквата. Со него, се изразува сомнеж во самата автентичност на Црквата, се негира природата на Нејзиниот живот и се повргнува вистинитоста на нејзиното предание. Единствена причина за расколот е гордоста, како жална последица на недостаток од љубов кај оние кои во таква положба пребиваат. Воедно, расколот е најпогодна душевна состојба за зачнување и развој на секаква богопротивна заблуда, според што, истиот се покажал како матица и причина на сите ереси, односно, сеерес.
Расколникот го оправдува своето однесување со измислување недостатоци во верата и животот на Црквата, станувајќи еретик според својата зла воља. Тоа, порано или подоцна, се случува со сите расколници. Тие, најнапред, незадоволни од својата позиција во Црквата, ја обвинуваат истата за неправедност во уредување на нејзиниот живот, односно, за еклисијална ерес, за потоа, откако ќе го продлабочат јазот и процепот што го создале одвојувајќи се од Христа и останувајќи без Неговата благодат дадена во заедницата на Светиот Дух, целосно да ја извитоперат верата според страста на своите срца, станувајќи еретици.
Во нашиот случај, гордоста на расколот се пројавила како обид да се конституира самостојна Црква надвор од живото предание на историската Православна Црква присутна на овој простор, а врз антицрковна претпоставка за дисконтинуитет во преданието на Црквата и право на наследување и преемство на благодатта преку самоиницијативно и самоволно возобновување на Охридската Архиепископија, на близу 200 години по нејзиното згаснување. Притоа, за да биде срамот поголем, тоа било изведено без учество на канонски епископ, односно, без полнотата на даровите на Светиот Дух во Црквата, содржани во нејзините свети тајни.
Меѓутоа, Православната Црква е една и единствена која ја поседува полнотата на благодатните дарови на Светиот Дух, а секој што на било каков начин одстапува и се разделува од Неа – било преку ереста, расколот или во некоја друга своеволна збирштина, таквиот ја губи причесноста кон Божјата благодат. Помесната Црква произлегува и постои преку Соборната и Вселенска Православна Црква, а во расколот никогаш не суштествува вистинска благодат, изостануваат просветлени духовници, како и непрелестна (умно-срдечна) молитва, од единствена и проста причина што, доколку во срцата на расколниците пребива Светиот Дух, Тој самиот ќе повикуваше преку нивните молитви „Ава Оче“ и истите одамна ќе станеа свесни за своите гревови и положба во однос на спасението и животот вечен во Исуса Христа.
Токму таков е случајот и со расколот што се случува во Република Македонија. Имено, немајќи никакво издржано оправдание за упорното опстојување во таквата положба, духовните апологети и предводници на расколот, по гибелен совет на противникот на нивното спасение се обидуваат да ја обвинат Црквата од која по своја воља се одделиле (Пеќката Патријаршија), за недостаток на духовни дарби и просветлени духовници, што само по себе е ужасна хула на Светиот Дух. Нивната лукавост се состои во тоа што ваквото свое беспримерно дрско тврдење го аргументираат со наводно изостанување на дарот на умносрдечната молитва кај представниците на свештенството и верниот народ на Црквата, нешто, кое ниеден што според степенот на своето внатрешно смирение пред Бога навистина благодатно го поседува, токму за да не го загуби и оскверни дарот на Светиот Дух, како и за да не стане пленик на прелеста на нечестивиот, таквиот, никогаш не би се дрзнал јавно да го декларира и промовира како умешност со која „овладеал“ и „ја освоил“, а најмалку како причина и повод да се фали и превознесува презирајќи ги своите браќа во Христа Спасителот.
Сепак, оние кои се обидуваат да го оправдаат расколот со прелеста во која се западнати и ја доживуваат како присуство на благодатта до степен на просветление, па, дури и обожение пропратено со наводен дар на постојана умносрдечна молитва, можеме да ги упатиме и да се обидеме да им укажеме помош преку сведоштвата на светите оци, според чие верно предание, постојат три главни услови за еден човек да доживее вистинско присуство на Божјата благодат при бавење со умно-срдечната молитва. Едниот услов е човекот да има искрено и скрушено покајание, другиот услов е да не се подвизува заради доживувањата на присуството на благодатта и да не се смета достоен за истите, а услов над сите услови е човекот да биде во полно евхаристиско единство со Православната Црква.
Во спротивно, овцата која се издвоила од стадото ќе биде растргната од волците, односно, ќе западне во душепогубна прелест. Таквите луѓе, кои немаат единство со Црквата, а се во подвиг за стекнување на дарот на умно-срдечната молитва или други духовни дарови на благодатта Божја како духовништво, свештенство и сл., стануваат лесен плен на ѓаволот и во зависност од нивната сопствена представа за благодатта, доживуваат и гледаат светлина која им ја прикажува ѓаволот за да ги направи зависни и понизни слуги на лагата.
Во духовниот живот постојат карактеристики и репери за духовната зрелост, а исто така, постојат и методолошки искуства за начините на духовно напредување, но, не постојат правила и механизми на систематски автоматизам во одвивањето духовниот живот и достигнувањето на духовното единството со Бога во Светиот Дух, што по својата природа е длабоко харизматска појава, затоа што, само Бог знае што има во срцето на секој човек, не само подобро од другите, туку, далеку подобро и од него самиот, кое нешто им го открива на духовните оци и старатели, под услов и Тие самите да припаѓаат и учествуваат и да се посветени за таквиот призив во заедницата на Светиот Дух, односно, Светата Педестница која секојдневно се остварува во Светите Тајни на Православната Црква.
Според тоа, стекнувањето на степенот на духовна возраст е исклучиво според остварувањето на Божјата Промисла за местото и улогата на личноста на човекот како учесник и член во Црквата – Телото Христово. Оние кои се обидуваат да ја привлечат благодатта надвор од Црквата, каде востановените карактеристики и одлики на духовното растење и созревање целосно ја губат својата смисла, таквите, духовно напредуваат само кон својата конечна и трагична погибел.
Имено, според преданието на Црквата, благодатта не е дејствително условена и ограничена од светите тајни на Црквата (opus operantum), ниту пак, од личната достојност на свештенослужителот (opus operantis) кој му сослужува на Господа во Црквата, но, истата може да се пројави само кај оние кои искрено каејќи се во срцата свои, од сите сили и безусловно настојуваат и стремат да се спасат, најприсно соединувајќи се со Православната Црква. Во сите други случаи, не станува збор за дарови на благодатта, туку за прелест.
Тоа е така, затоа што благодатта не е цел самата за себе, туку средство кое има една проста намена, секого да го направи дел и да го соедини со Христа во Православната Црква. Затоа, духовните степени и раст се целосно аналогни на Црковната и Небесната Ерархија, а духовноста, која е плод на благодатта, не постои и не се остварува кај оние кои се подвизуваат одвоени од Христа. Нивната “духовност”, неминовно и без исклучок е скверна, блудна и демонска, односна, директно насочена против Православната Црква.
Имено, суштината на духовните дарби е да не приведат и присоединат кон изворот на благодатта, односно, личноста на Дародавецот, Господ Исус Христос. Затоа и молитвата не е некаква (јогинска) вештина која би била технолошки условена и определива. Напротив, умносрдечната молитва е мистична литургија на душата, пришто, целта и смислата е умот на човекот да се преобрази во Ум Христов, а причестувајќи се од умот и целиот човек да стане Христов, односно, Тело Христово.
Воедно, таквата молитва е и евангелие на душата, односно, поистоветување на душата со домостројот на спасението предаден преку животот Христов. Конкретно, умот човеков во срцето бива пречекан од Христа кој го води до смрт и воскресение за живот вечен. Притоа, умот на некои луѓе бива и воздигнат до грабнување и гледање на Таворската светлина која сведочи за Неговото преображение.
Кога првпат се отвора срцето, таму го среќаваме Христа, така што наеднаш ни станува премногу и до болка јасно, колкаво е неговото снисходење и милосрдие, какво е неговото дело и љубовна жртва за нас и од друга страна, ни се открива колку сме грешни и недостојни за таквата Негова жртва, па од нашето срце незапирливо и мирно потекуваат реки солзи кои не измиваат од глава до петици и целите стануваме ум.
Преку умно-срдечната молитва се исцелува најнапред силата на умот, потоа се утврдува неговата состојба на постојаност, а најнакрај, истиот станува дејствителен орган Христов, т.е. на благодатта Божја во Светиот Дух.
Ете, таква е смислата на дарот на умно-срдечната молитва кој ни е даден само за да постанеме Тело Христово и да и се приклучиме на Црквата, а не попусто и заради превознесување над другите, туку, откако примиме божествена храна, да не им се враќаме како кучињата на блуениците и да не го сокриваме талантот, туку да го вложиме онаму каде ќе се преумножи, во Црквата Божја.
Дополнително, не би требало да се губи од вид дека токму Литургијата на Православната Црква е жив приказ на духовноста, односно, присуство, случување и остварување на самиот духовен живот. Нашата духовност е наше учество во таа литургија, во тоа заедничко дело на сите христијани, остварување на животот на Христа Бога во нас. Начинот и видот на тоа учество е всушност степенот на духовниот раст во совршениот човек и совршениот Бог, Христос Спасителот.
Ако внимателно се набљудуваат заробениците и слугите на расколот, се забележува една многу жална пројава на гордост која со духовна терминологија се нарекува симонија. Според духот кој од нив произлегува, Тие се стремат кон духовни дарби заради угодување на сопствената суета и несвесно настојуваат да постанат духовни, па, дури и да направат црква, без Христа. Се разбира, таквата нивна состојба е трагично прелестна и истите, никогаш, ниту приближно нема да смогнат да вознапредуваат во умно-срдечната молитва до степен самите постанат орудие на благодатта и Светиот Дух. Очигледно, нивното познавање и искуство во духовноста е ограничено на голата буква и празните терминолошки формулации, без вистински плодови од сето тоа, односно, без вистинско покајание.
Во спротивно, доколку навистина беа причесни кон благодатта, таквите, најпрвин ќе станеа свесни и за фактот дека со чинот на самоволно прогласување на својот афтокефален статус во Православната Црква, го нарушиле принципот на нејзината соборност кој е од суштинско значење за природата на Црквата и со тоа, самите се расчлениле од Христа. Впрочем, прекинувајќи го општењето со Црквата во Светата Причест, се лишуваме од Светиот Дух и од благодатните дарови, вклучително и од дарот на умносрдечната молитва, епископството, свештенството, христијанството и од секој дар на љубовта Божја, затоа што, нема никакво христијанство, ниту, некој друг Христос и нема благодат, ниту поинаква вистина, а нема ни живот, ниту спасение – ништо од тоа го нема без Православната Црква и сето тоа го има единствено во Православна Црква.
Соочени со аргументите и фактите во врска со неможноста за поседување на полнотата на благодатта Божја во состојба на свесно и упорно опстојување во раскол со Православната Црква, како и со целосната неоснованост на себеоправдувањето преку осудување и омаловажување на личното достоинство на свештенството и членовите на Црквата, духовните лидери на оваа жалосна отпадија, во својата душепогубна острастенст да се брани и оправдува својата незавидна положба по секоја цена, одат и чекор понатаму, односно, прибегнуваат дури и кон искривоколчување на учењето, т.е. преданието на Црквата по однос на прашањата на нашата вера за начинот на остварување на единството на човекот со Бога, исфрлајќи теза за постоење на своевидно двојство во воспоставувањето односот, припаѓањето и единството кон Христа Богочовекот, односно, за независно и одвоено постоење на „видливо“ и „невидливо“ соединување на човекот со Бога, аналогно на што, употребуваат и квалификации за некакво „формално“ и „суштинско“ (неформално) единство, кои според нив (и нивните потреби) постојат и се остваруваат сосема независно и неусловено едно од друго.
Со тоа, овие луѓе, всушност тврдат дека единството кое се остварува во светите тајни на Црквата е само формален, односно, симболичен чин без суштинско значење и дека единството со Бога во полнотата на Неговата благодат може да биде достигнато и без фактичко учество во Телото Христово, односно, на еден спиритистички начин преку практикување на своевиден парадуховен, парамолитвен и во крајна инстанца, парацрковен начин на живот што механички го подражава преданието на Православната Црква, без жива поврзаност и вклученост во истото, односно, како некаква научна дисциплина и вештина.
Воедно, ваквото нивно тврдење имплицира дека единството во чашата со Телото и Крвта Христови представува нецелосно, надворешно, привидно и формално соединување со Христа во рамките на човечката природа, односно, дека постои поинакво, невидливо и духовно соединување според неговата божествена природа кое би требало да му претходи на евхаристиското, а се воспоставува и остварува сосема независно од истото, согласно правилноста на верата и подвигот на поединците, без оглед дали истите се во евхаристиско единство или се (само)организираат во паралелни, квази-црковни заедници.
Со ова утилитаристичко раздвојување на соединувањето со Бога во два различни чина, кон кое што прибегнуваат во обид да докажат дека дури и во нивната положба на доброволна издвоеност и раскол, сепак е возможно да се поседува некаква благодат и да се има некакво единство, тие несреќници несвесно повторуваат, актуелизираат и се поистоветуваат со една одамна осудена христолошка ерес, со која буквално се пропагирала дволичност на воплотеното Слово, т.е. заедно со постоењето на двете природи, паралелно постоење и на две личности Христови, аналогно на што, подобно на нечестивото учење на еретикот Несториј, тие афирмираат можност за посебно соединување со човекот Исус, а сосема друго соединување со Логосот и Синот Божји.
Сепак, за секој што има вистинско покајание и смирение, повеќе од јасно е дека нема и не може да има такво подвојување, односно, таму каде што постои единство со Бога, било да се работи за поединец или заедница, истото е и формално и суштинско, а ако на било кој начин единството изостанува, тоа се случува во целост. Исто така, чинот на спомнувањето на поглаварите на помесните Цркви во молитвите на Светата Литургија не е субјективно произволение на свештенослужителот, туку, тоа е произнесување на соборното сознание на Црквата за себе и за своите членови кои ја сочинуваат во дадениот историски момент, такашто, тоа видливо единство, како и сите видливи собитија на Светата Литургија и останатите богослужби, представува соборна манифестација на внатрешните својства на Црквата, едно од кое е и единството, т.е. едноста.
Затоа, Православната Црква во историјата е продолжување на настанот што се случил на Педесетница од Христовото Воскресение. Во таа пригода, која во Црквата постојано ја живееме и актуелизираме, Светиот Дух, во вид на пламени јазици, слегол врз соборот на апостолите. Не врз некого од нив посебно, туку, додека сите заедно пребивале во „горната одаја“, постојано молејќи се на Бога. Со тоа, сета полнота на духовните дарби и власта за нивно распоредување во делото за изградување на Црквата, му била предадена на севкупниот собор апостоли, чии директни наследници се денешните и идните епископи на Православната Црква.
Според правилото дека „Црквата е во епископот, доколку, епископот е во Црквата“, секој еден епископ е носител на полнотата на свештените дарби само како представник и полномошник на севкупниот собор од епископи, а помесните Цркви се живи органи на врховната соборно-апостолска власт и без оглед на нивното првенство по чест, големината на нивните јурисдикции или титулите што ги носат како патријаршии, архиепископии и слично, сепак, истите подлежат на соборна оценка и суд за своето дејствување, такашто, ниедна од нив, не се во апсолутна смисла автокефални.
Затоа, соборноста во апостолите е клучен критериум за правилно умножување на Црквата, токму, како што секој еден епископ бива ракоположен исклучиво консенсуално, односно, со учество или согласност на сите епископи членови на помесниот собор надлежен и ополномоштен за односната територија како представителен, извршен и судски орган на севкупниот собор епископи на Вселенската Православна Црква.
Аналогно на тоа, во Црквата, како жив организам што ја проникнува историјата и вечноста, не е можно било која инстанца да произлезе самата од себе, ниту е можно самата да си додели и превземе обем на овластувања или пак, чест на уважување, туку, за се си постои утврден беспрекорно правилен поредок што обезбедува соборноста да се распространува со љубов и да се протега како органско единство во Духот, поврзувајќи ги одделните членови во меѓусебен мир!
Според тоа, евхаристиското заедничарење е единствениот и врвен критериум за припаѓање и единство со Христа во Православната Црква и во тој критериум се содржани и божествениот и човечкиот аспект на личноста Христова, а дали имаме благодат или прелест се познава според тоа, дали ревнуваме за атрибутите на Црквата од Симболот на Верата, или пак, против нив!
Најпогубна последица од пребивањето во раскол е бледнеењето и губењето на црковната свест. Расколникот, немајќи учество во заедницата на Светиот Дух, престанува да размислува и расудува како член на Црквата и наместо, со помош на благодатен и преосветен соборен критери-ум, за сите нешта завзема став и суди според себеси, односно, според страстите, искуствата и опитите на сопствената, отпадната од Бога природа.
Таквото преобразување на свеста во луѓето кои доброволно пребиваат во раскол неминовно предизвикува расцеп или своевиден внатрешен раскол помеѓу нивните душевни сили и стремежи, односно, помеѓу нивните објективни духовни можности кои од расколот биваат целосно осакатени и стремежите да се суштествува (и завзема одредена хиерархиска позиција) во духовната стварност на совршената вера во Бога која во историјата се манифестира како Тело Христово, односно, Православна Црква.
Со време, заради нивното упорно настојување со сопствени сили и по сопствено наоѓање да организираат и оприсутнат Црква, свеста на овие луѓе целосно се политизира, односно, духовно корумпира, компромитира и обесветува. Како и сите разбојници, плашејќи се од губење на угледот, статусот и привилегиите како последица и заслужена казна за направените беззаконија, таквите во целост ја отфрлаат единствената можност за рехабилитација во Христа преку покајание и сите свои напори ги усмеруваат во стекнување на општествена и политичка моќ со помош на која, се надеваат насилно да ја озаконат својата приграбена и самопрогласена духовна стратифицираност.
Впрочем, очевидци сме колку жестоко овие современи иродити, како витлеемски младенец го гонат и настојуваат да го убијат Христа – Царот Небесен олицетворен во блаженството на Архиепископот Охридски Јован, добриот пастир на помесната Православна Црква.

Advertisements
This entry was posted in на македонски јазик. Bookmark the permalink.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s