Проблемот со името

Единствениот начин Македонија да се интегрира во ЕУ под своето уставно име е нејзина федерализација. Името на државата представува проблем заради нејзиното внатрешно унитарно уредување, односно, националниот политички субјективитет на македонскиот народ што преку него се изразува во меѓународните односи.

Наспроти тоа, во федеративните мултиетнички држави, националниот идентитет е синкретички или идеолошки, односно, политички коректен за меѓународна употреба под името Македонија.

Со соодветна федерализација (или кантонизација) од консенсуален тип, националниот идентитет ќе изгуби етничка конотација и самото име Македонија ќе представува само една наследена географска одредница, па, со време неопходно за спласнување на страстите, ќе престане да се доживува проблематично.

Едноставно кажано, во друштвото на нациите не сме добредојдени како етнос со историски неодредени и непредвидливи димензии, а со оглед на официјално пројавените апсурдни културолошки и цивилизациски амбиции кои речиси ја надминаа севкупната историја!

Преку кампањата на „антиквизација“, самите го пробивме наменетиот простор на меѓународната политичка сцена и создадовме широка коалиција од моќни политички непријатели на нашата независност и суверенитет, а именките Македонија и Македонци загубија секаков меѓународен легитимитет и останаа прифатливи единствено како синоними за идеолошки или во најдобар случај, корпоративен политички идентитет.

Доколку сакаме да се покажеме одговорни пред поколенијата, мора да бидеме трезвени дека национално, ние сме допуштени, охрабрувани и потпомагани единствено како фактор на перманентна нестабилност на јужниот Балкан, со крајна цел за асимилација преку изнемоштување на преостанатите автентични политички субјективитети во Европа и затоа, интегрирањето во елитните безбедносни и политички структури за нас е хамлетовски драматично прашање, како за исполнување на доделената политичка ролја, така и за надградување и надминување на сопствената проектност, такашто, доколку наскоро не успееме да го постигнеме тоа, најверојатно ќе бидеме внатрешно преуредени и распарчени!

Ваквото извесно сценарио го истакнувам за да ја потенцирам апсурдноста на политичките заложби кои се плод на идентитетски фрустрации и да укажам дека
изминативе 17-тина години од привремената спогодба, проблемот со името на државата беше неодговорно злоупотребуван од страна на политичките елити, без никаква долгорочна концепција, за банални дневнополитички потреби. Оваа практика беше воспоставена преку јавно сервирање и консумација до заситување на изместена перцепција за прашањето, а со долготрајна и хипнотичка употреба на флоскулативната фраза за опис на проблемот како: „спор околу разликите за името со Грција“, иако, цело тоа време, според обврските што сме ги превзеле со привремената спогодба, сме во преговори за изнаоѓање ново, заеднички прифатливо име на државата.

Таквата надреалност на колективната свест, погодуваше за успешно одгледување на најразлични видови илузивни чувства и психотични состојби во однос на нашите јужни соседи, кај мнозинството граѓани. Актуелната власт, со своите манипулативни маркетиншки способности, успешно се надоврза на „политиката на еквидистанца“, па, како и сета останата политичка стварност, проблемот со името го первертира во фантастичен феномен на општествена ретардација.

Соочени со безизлезот, мораме да ја согледаме реалноста дека името „Македонија“ и етнонимот „Македонец“, иако означуваат одредена историска посебност од културно политички карактер, сепак, содржината на посакуваната поинаквост на може да биде стекната исклучиво преку дедуктивни методи на издвојување.

Историската вистина неизоставно е сочинета од напоредни апофатички и катафатички тврдења. Едноставно, ниеден филозофски поим, а најмалку имињата на историските појави, не може да биде само одречно определен, туку, истовремено со дистинкцијата, мора да поседува и сопствена суштина која може со сигурност да биде методолошки потврдена.

Во таа насока, според законитоста на залажувањето, процесот на антиквизацијата ќе не воведува во уште поголеми натамошни заблуди, кои можат да прераснат од идеолошка, во религиозна природа, па, со сите митски скулптури околу себе, да станеме сведоци на нов феномен на паганизација.

Затоа, не треба веќе да настојуваме со суицидната изолационистичка пракса својот идентитет да го афирмираме и конфирмираме во сферата на меѓународната политика и во односите со соседите, туку, напротив, на секој можен начин да се стремиме да извлечеме полза за сопствената државност, која ни дава неограничено право на мајоритетна националност, а во тие рамки и можност за негување и развој на сопствената етничка специфичност.

Ова дотолку повеќе што, политиката нема никаква надлежност врз идентитетот, затоа што, истиот е вечен, а таа порочна, т.е., менлива хронолошка појава за артикулација на интересите од историската егзистенција на ентитетите, а националното чувство, односно, сознание, не е изворен идентитет, туку, целисходно сообразена политичка определба.

Следствено, нацијата е исклучиво политички ентитет, конституиран со државноста на граѓаните, од каде ги црпи и своите етнофилски обележја. Како и секој ентитет, нема директно место во изворниот поредок на нештата, туку, представува само делумен, односно, нецелосен и непостојан, функционален израз на одредени идентитетски елементи, такашто, повеќе може да се смета за маска отклолку за конкретен лик. Токму затоа, единствениот исклучив услов за националност на одредена група луѓе е нивната заедничка политичка определба за државност.

Имајќи го сето ова предвид, се залагам за неодложна промена на името со додавка на географска или историска одредница, а заради брза и спасоносна интеграција во апокалиптичниот кораб на денешницата што популарно си го нарекуваме „ЕУ и НАТО“.

Advertisements
This entry was posted in политички. Bookmark the permalink.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

w

Connecting to %s