Идентитет

Идентитетот ја представува природата и го изразува нејзиното битие. Со него се одредува смислата, односно, причината и целта на постоењето и од него, како почетно и конечно слово за нештото, произлегува севкупната синонимност, односно, именливост, возрочност и придавност, т.е. субјективитет и судбина на секое суштество.

Уште, идентитетот е последна инстанца на суштината и устројство на верата, такашто, кому, како и во што се прилагодуваме, нему, така и во тоа веруваме. Со него се означува волјата, се симболизираат заложбите и се субјективизираат случувањата во стварноста.

Потоа, идентитетот го афирмира изворното значење и совршената намена на созданијата, давајќи им спасителен закон, заповед и наредба, низ пример и упатство за склад и соодветство на неразумните, а проповед и подвиг на пристојност и умесност, за местото и улогата во достоинството и честа на разумните, односно, за абсолутното битие на нивната природа во Премудроста Божја.

Самиот по себе, идентитетот потекнува од непоимливата Светотроично – личносна Божја природа. Во него се остварува единството и взаемниот склад на севкупното постоење, како израз на возвишено добробитните пориви својствени на божественоста и нејзиното творештво.

Всушност, идентитетот е единствениот предмет на благодатта и во него се совршува дарот на Љубовта Божја, која како абсолутно ненасилна волја се раздава благодатно, низ феноменот на личноста, во облиците на идентитетот, проникнувајќи и избавувајќи ја сета подобна стварност.

Подражавањето на одреден идентитет не може да ја произведе суштината која истиот ја представува, заради што, симулирањето на идентитет без способност за учество во неговата природа е камелеонски, т.е. преправачки, привиден и коварлив чин.

Словесните суштества се бесмртни, односно, природно самобитни, суверени и субјективни, а со тоа и енергетски артикулативни, неодвоиво надоврзани на благодатта која природно ја спроведуваат и по собствена волја, верно ја сведочат или скверно изопачуваат.

Според тоа, нивното единство се остварува во нив самите, преку усогласување на нивната личносност, односно, со нивно свесно учество во зборот и делото на божественоста, во благодатта на Словото Божје, ним целосно предадена во личноста на Синот Божји, нашиот Господ и Спасител, Богочовекот Исус Христос.

Затоа, идентитетот е само пројава на нечие благородство и неговата манифестација има исклучиво симболичен, т.е., искрен и непосреден карактер, такашто, без соодветно суштинско единство остварено преку вподобување на личноста, податоците од нашето постоење остануваат пусто празнословие.

Времениот и вечниот идентитет се во напоредна органска врска и затоа, ниеден од нив не може да биде симулиран ниту наметнат, а уште помалку, произведен или фабрикуван, туку само, примопредаден, усвоен или одфрлен, вистинит и добар или лажен и расипан!

Генезата на племињата и историјата на народите и јазиците, несомнено има свој континуум и реперкусии во вечноста, такашто, произволното и идеолошко идентификување како насилен упад во историјата, неминовно бива проследено низ обратен настан, односно, одпаѓање во перспективата на вечноста. Посебноста и идентитетот се предегзистенцијално зададени во неограничениот потенцијал на Премудроста Божја, пришто, во одредено историско време се оформуваат и до рамниште на етничка посебност, со потребните атрибути на духовна автентичност.

Непоткрепливите идентификациски идеи водат во уште поголеми идентитетски кризи. Огромен број наши сонародници губат лавовски дел од своите животи во потрага по аргументирани сознанија за подкрепа на подметнатиот прелестлив и медиокритетски времен идентитет, острастувајќи и затапувајќи ги своите духовни сетила и способноста за поистоветување со целото човештво во Бога, пришто, вообичаено станува случај со најплеменитиот изданок на поколението, делот од популацијата со најизразит духовен сензибилитет и внатрешни пориви.

Advertisements
This entry was posted in на македонски јазик. Bookmark the permalink.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s