Личност

Човековото битие го одредува духот што има пристап и превласт во неговото срце. Токму, духот е нашата татковина и наследство, нашиот непосреден род и достоинство. Човечката душа е неизоставно духоносна, неповторлива и непропадлива стварност, подеднакво онтолошка и есхатолошка, т.е. полнозначна и целисходна во секој свој двиг, бивајќи, едновремено, според правичноста и добродетелноста, односно, нејзината раскошност и богатство, блаженствена градина и царска палата, додека, во горделивоста и сладострасноста, нејзината чемерност и бедотија, сурова пустина и мрачна гробница на нашиот дух. Во љубовта, пак, таа, истата, може да се претвори дури и во херувимска колесница на Престолот Божји, односно, свечена носителка на Светиот Дух.

Сето тоа со нас бива според состојбата на нашата природа, соодветно на нашата човечност и посветеноста на душата кон одредена духовност, со влогот на нејзината несопирлива и неуништлива животна сила, од желба во смисла и од волја во разбирање, идеа и убедување, знаење и умеење, преку образување и воспитување, кон духовно исполнување и суштествено присоединување.

Според тоа, за нас луѓето, битието е прекрасно совршена, трајно неизменлива, незаборавно препознатлива, предназначено наменета и навистина добра, заложбена определба на нашата природа која ја нарекуваме личност.

Затоа, личноста не е случајна поза, ниту прилагодлив однос, туку самото битие кое со сета сила, во секоја ситуација, искрено и дејствително се принесува на соединување, односно, љубов.

Таа, како чинител на љубовта им е својствена на сите словесни суштества, со тоа што, кај човекот, за разлика од бестелесните духови, таа ја содржи полнотата на севкупното Божјо создание и потенцијалот за исполување, а со тоа и приемање на севкупната божествена љубов, односно, совршено присоединување кон Бога.

Следствено, само во личноста на човекот се содржи образот и подобието Божје, како што во секое Лице присуствува цела Света Тројца, а верата, надежта и љубовта, неразделно и неслеано, взаемно се пројавуваат, па, би можело да се рече дека личноста е вистинска или побожна човечност и само во личносното расположение човекот е способен чесно да му се принесе на Бога, да си спомне на Него достојно, да биде исполнет од Неговиот Свет Дух и претворен, од леб и вино, во Негов Дом, Тело и Православна Црква.

Воедно, личноста е свидетелство на Бога и Црквата. Таа е окно низ кое, со јасен и добар душевен вид е можно да се забележи и искуси надприродноста, односно, божественоста.

Поседувањето личност е поседување љубовен идентитет, а со него и благодат, односно, божествен дар за учествување во делото на љубовта, кое просто кажано е пролевање крв, заради примање дух или полагање на својата душа, нејзино привремено абење и загуба, токму заради вечно зачувување и прославување или уште, употреба на нашето тело (заедно со телесната мудрост) како воштеница, односно храна за семето на новиот живот, Словото Божје, кое е единствената скапоценост која постои и може да се стекне во себе и со која може да се купи целото Небесно Царство, кое е еднодушност во Бога.

Проблемот во разбирањето на личноста е во поимањето на слободата, односно, во неправилното поистоветување со распуштеноста, разузданоста и необврзаноста на либерализмот, што доведува до недоразбирања и расправии.

Недоразбирањето, пак, произлегува од загубата на чувство за слободата {с-лобо(в)-да(р)} како највозвишена душевна способност за примање, чување и предавање на љубовта заложена во нашето создавање, односно, во самата наша природа која како икона Божја, т.е., образ и подобие на божественоста, може да биде побудена само со личноста на Света Тројца, која дејствува од Отецот, низ Синот, во Светиот Дух.

Според тоа, слободата е способност сето постоење да се прими, чествува и предава како дар од љубовта, низ неа самата како врховен дар и во неа самата како врховна намена на сите дарби.

Затоа, потребата од слобода во љубовта е всушност барање докази од верата и чуда од надежта, што наместо христијани, не покажува за елини и јудеи, т.е., безлични и немилосрдни безумници.

Кога Бог му вели на Мојсеја „Јас сум Оној Кој што Е“, всушност кажува дека не е спознатлив и именллив според својата несоздадена надсуштествена природа, туку, само преку своите несоздадени природни енергии кои ни се достапни олицетворени во Оние кои се еден Бог – Света Тројца.

Така, ниту самото име Бог не се однесува на Неговата надсуштествена природа, туку, исто така, представува поим соопштен од дејството на Неговите несоздадени природни енергии. Затоа, единствениот поим што можеме да го користиме само за на Бога да му се обраќаме е всушност името што објавува Кој е Бог, односно, името на неговата личносност, Света Тројца, Неразделна и Неслиена, од Отецот, преку Синот, во Светиот Дух.

Се разбира, ваквата Божја изјава не треба да ја ставаме во контекст на егзистенцијалистичките филозофски тенденции и да конструираме персоналистичко богословие врз нејзините светоотечки интерпретации дека личноста Божја има онтолошко првенство над Неговата суштина, па дури и дотаму да се заклучува дека Бог како личност, односно, ипостасот на Отецот, со причинување на Божјото постоење како Света Тројца, всушност ја произведува и самата Божја суштина како некаков феноменолочки извод, метафорички комплекс и алегориски синоним на личното постоење.

Прашањето за нераскинливата поврзаност на постоењето на созданието со благата предвечна волја на Создателот содржана во логосите на битијата. Проблемот настанува со устројството на природата на човекот кој иако едно битие, сепак, за разлика од останатите созданија, како своевиден образец на космосот (микро или макро-космос во вселената) неразделно е сложен од свесна и несвесна стварност која е взаемно логосна во својата соз-дадена онтолошка смисла, додека, во есхатолошка, односно, поканета и очекувана од Бога конечна и совршена димензија, според свесното субјективно изволение, самата треба да се одповика и да одговори на призивот, та, во содејство и со помош на благодатта, да го исполни предназначеното подобие во полнотата на својата битијна логосност.

Според тоа, созданието, макар што е создадено “ни од што“ претходно постоечко, сепак, поседува одредена неизменлива иманенција според неизменливото Божјо изволение за сопствената природа и таквата онтолошка подлога која човечкото битие ја содржи во својата природно зададена сообразеност со Бога, не може да биде целосно уништожена ниту со противлогосната гномичка волја на поединецот, заради што, човекот, според својата природна, независна од свесната согласност на поединецот причесност кон Божјата волја за устројството на човечката душа како вечно постоечка и неуништлива стварност, не бива единечно разнебитен дури ни со конечниот праведен суд Господов, туку, продолжува да постои како конкретно битие со посебен идентитет и сопствена свест, според трајно приволеното определување на слободната волја, дури и во амбиентот на вечното проклетство на пеколот.

Затоа, сметам дека созданието не е субстанцијално засновано на ништавилото и не е ништожно по својата природа, туку, напротив, тоа ја има својата онтолошка подлога и битијна автентичност во Божјата волја, а својата целисходност или залудност, односно, конечно значење и намена, ги задобива во контекст на слободната волја на конкретната личност во која суштествува и егзистира стварноста.

П.С. Написот не е во целост пренесен и објавен на македонски, па, оние кои сакаат да го прочитаат во целост, засега можат да го сторат тоа на српски или англиски (нелектуриран) јазик, исто така овде, на мојот блог.

Advertisements
This entry was posted in на македонски јазик. Bookmark the permalink.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

w

Connecting to %s