Распонот на послушноста

Предавајќи се на послушание, ние, всушност, настојуваме да го осветиме секој наш двиг и преку такво расположение, да најдеме и принесеме пред Господа плод достоен за покајание.

Послушникот секого смета за надреден и достоен да му се служи, затоа што покајанието го соголува пред себеси до сосем бесполезен и безвреден негодник, та, така смирен, настојува во своето неправедно преценето поведение, да би некако си ја откупи слободата и придобие благодатта.

Со послушанието, во секој еден чин, делотворно ја исповедаме нашата вера, истовремено оживотворувајќи ја. Воедно, водејќи се од послушанието, врвиме по патот на добродетелта со сигурно утврдена и безгрешно положена надеж врз благодатта.

Се разбира, во нашите закоравени срца, сето ова може да прозвучи како многупати чуена или прочитана флоскула, ако таму го немаме усвоено послушанието да ни посведочи дека не треба да се противиме на поредоците утврдени од Провидението, допуштени со Промислата и озаконети во Духот, за да му се даде секому исти шанси, преку назначението што е најполезно за негово спасение.

Целиот живот, секој настан и собитие во кое биваме затекнати или учествуваме, Господ Исус Христос, како најгрижлив родител, ни ги дава соодветни на нашите сили, подобни на Неговото евангелие, заради наше прославување. Секој миг од нашето време, секоја една ситуација и доживување е само кулиса и превез на вистинскиот живот кој суштински низ нив се одвива и во зависност од нашата волја, содржи потенцијал да прерасне во било кој дел од евангелието, а ние бедните, со помош на Неговата благодат, да земеме учество во Него. Всушност, сето е така устроено, сечиј живот да стане Негово евангелие и секој еден од нас, во својот живот, преку себе самиот суштински да го оживее Него, за да може суштински да биде оживеан, т.е. обожен самиот.

За да се увиди оваа димемзија што ежемиговно ја проткајува стварноста, неопходно е потопување на стариот ум во крштелната бања на покајанието чија благодат не одвраќа од натамошното сознавање со посредство на разбирањето, односно, преку преданието сохрането во созданијата, заради очистување на желбената душевна сила од сетилните представи, ослободување од вештествените образи на делумното знаење и нејзино упатување кон верата, како единствен начин за познание на Вистината и препород на нашиот паднат ум.

Така, покајанието можеме да го сметаме за подвиг кон преобразување на умот во врховен сетилен орган на душата, нејзино духовно светило и око за согледување и восприемање на вишните божествени просветленија.

Но, умот, самиот за себе, надвор од срцето, како и верата без дела, како и знаењето без умеењето, како и ликот без себеприличното дејствување, како желба спротивна на волјата, како слободата без благодатта, како образованието без воспитание, како вистината без доброто, како впрочем и образот без подобието, останува мртво и бесплодно слово, па, затоа, напоредно со неговото преображение, неопходно нужна е коренита промена на волјата, заради натамошна реорганизација на душевното битие и воспоставување здрав внатрешен духовен поредок со рехабилитација на разумноста за начело на нашето постоење.

Улогата на послушанието во овој процес на духовна обнова е востановување на соодветен институтивен душевен поредок за духовно подвластување на душевните сили, пренасочување на  енергетските токови и превоспоставување на нашата целовитост, односно, исцеление на нашата душа, преку стекнување навики за нејзина правилна и навремена исхрана, т.е. воспитание.

Послушанието ја ослободува желбата како двигателна спознавачка сила на душата, од баластот и бремето на нужноста, рочноста и прозаичноста во разбирливите, зброеумиви и последично мисливи нешта со кои се занимаваме при подвигот на добродејателноста, претворајќи ги истите од објект во орудие на нашата дејствителност и одпрегнувајќи го вниманието од грижите за целисходноста и знаменитоста на нашите постапки, ја прочистува и изострува восприемчивата сетилност на умот, развивајќи ги во нас најблагородните духовни чувства за правичност, милосрдие и убавина, неопходни за стекнување на совршено душевно расположение, т.е. способност за љубов.

Во секого од нас, во секоја православно крстена душа заживува пророк. На послушните, пак, им се објавуваат конечните пророштва, судбинските заповеди и совршувачките закони. Ним, на местото душевно наречено совест им се дава претеча, а штом во времето на нивната душа настапи соодветна доб, им се проповеда евангелието на правдата и биваат населени од Царството Небесно. Послушанието не измирува со совеста и нашето делување го вознесува да поприми одговорност пред лицето Господово, исправајќи и покажувајќи не во се слични на Господа Исуса Христа, преку делата кои Тој ги признава за извршени во Негово Име и не се срами да ги нарече Свои.

Таквото начело му придава благоподобна мерка на подвигот, усогласувајќи го нашето следбеништво и подражбение на духовната осознаеност, односно, степенот на покајание, просвета и преображение, остварувајќи стожерна улога за совршено динамичко единство помеѓу душевните сили и тежненија, како жива спона што овозможува сигурен и органски прираст на човекот во Христа.

Advertisements
This entry was posted in на македонски јазик. Bookmark the permalink.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s