Љубовта и благодатта

Безблагодатноста е наша природна, од љубовта одпадната состојба, таква, кога неретко забораваме дека секое добродателство и харизма слегува озгора и распаметени земаме необуздив замав околу себе, што на Благоподателот, веројатно не му преостанува друго, но, привремено да престане со обсипување на своите добра врз нас, како би не вратил кон безмолвие. А, токму безмолвието, тоа молитвено тихување, таа парадоксална состојба на душата во која, навидум противположно, а всушност, во совршено разположение, безпрохтевно и безгласно му се обраќаме Нему, ја поседува неодоливата сила да ја привлекува благодатта со која напоредно и двојно се  прославува љубовта Божја во луѓето.

Да се зборува за духовната затемнетост схоластички, книжносознателно, со разбирање, а без личен опит, е невозможно. Таа представува доживување одсуство на благодатта, а заради непреобразеноста на нашата душа во херувимска колесница Божја и незацареноста на престолоносните духовни сили во неа. Таа е последица на нашата нецелосна преобратеност и напоредно поседување духовна опачина, па, доколку искрено се преиспитаме, сигурно ќе увидиме дека секоја темнина произлегува од нашата колебливост и променливо расположение кон Светлината.

Препознавајќи ја  духовната темнина, навлегуваме во страсната седмица Господова, онаму каде речиси сите негови придружници, ученици и следбеници, го предаваат, забораваат и одрекуваат. Духовната затемнетост е предел од нашите животи кога јасно го наѕираме наближувањето на нашите страдања, нашата собствена гетсиманска градина и момент на вистината, кога преку молитвата го совладуваме искушението на одрекувањето од Божјата волја, заради прераснување во безмолвие, односно, Исусова молитва, за сите и за се. Помраченоста не задесува како превид предизвикан од големата болка на неминовното привремено одвојување од себе самите, своето тело, нашите ближни, домот, пријателите, родот, градот и сите нешта што преку пристрасна приврзаност, ги сочинуваат и учествуваат во нашите животи. Таа е најтешкото искушение, да се засака и посведочи Бог повеќе од сето набројано, да не се избезуми и заборави дека истата таа приврзаност е само незначаен одблесок на љубовта потекната во Света Тројца.

Токму таа љубов, нејзиното сострадално ублажувачко дејство, благовремено не избавува и сосема незаслужено го прославува секој миг од нашето скрушено трпение. Тоа најбожествено сепроземачко дејство на љубовта, што нашето најсвето православие ни го предава во поимот за благодатта, за дејствителното и живо Слово Божје, Кое во Себе, сецели не облагородува и изцелосходи (произведува) во царско свештенство на славата Божја, нека не одстапува ни за миг од нас, непотребните слуги Твои, кои помниме дека допуштеното зло што не снаоѓа, сепак, не дивее безгранично, туку наспроти мерата на нашата неизменлива навика во добродетелта, не напуштајќи ги границите на Божјата волја, самото дејствува како нејзино неволно орудие, извршувајќи благодат врз благодатта, слично како што телесната смрт представува благодат против духовното робство кое ни предполага непрестајно умртвување на желбата со бесмислата на безличното, односно, накажаното постоење.

Патот на човекот кон Бога е навраќање во љубовта. Тоа се одвива во обратен редослед од паѓањето, преку утврдување во верата заради достигнување на сходството со истата таа љубов, односно, не друго до усвојувањето на добробитта во љубените како движечко поведение на сите наши постапки. Надоврзано, следно, а сепак напоредно и едновремено, поклонувајќи и ги сите свои посакувања, инаку помисли, а најточно желби на вистината, човекот всушност ја полага својата надеж во Бога, заради сродството со Отечествениот извор на единствената љубов која е божествена, бидејќи во Бога постои и е Самиот Бог, Света Тројца.  Така, верата и надежта, како некои нераскинливи спони на душата, нејзино таинствено крштение, го возкреснуваат Божјиот лик во човекот, надминувајќи го временото во вековноста, со светото начело на убавината во љубовта.

Подвигот на христијаните е присуството и животот на Света Тројца. За да се успее во тоа, потребно е да се стекне и пројави љубовта. Таа, пак, сходно нејзината божествена природа, односно, бидејќи доброто по себе или самото добро, не може да се здобие поинаку, освен како благодат. Затоа, ако ја бараме љубовта, сигурно ќе не пресретне Бог, ако, пак, самите до нешто стасаме или на нешто наидеме прикое не одминуваме, туку се бавиме и занимаваме, тогаш, ниту љубов бараме, туку надеж врз себе полагаме и вера во ништо немаме, та, благодат не ни е потребна, туку неволји и безпаќа.

Стекнувањето на благодатта е венец од дејствително освестување и осветување во љубовта, односно, исполување на природните својства на душата, нејзината умност и разумност, со незаборавно знаење и непоколеблива вера во ангелоподобна вистиноподвижност и добродетелност. И какошто, секоја човечка душа ја карактеризираат три разновидни величини на нејзините својства и тоа, сила, состојба и дејствие, таквиот венец, како дар Божји, се полага секому според силите, врз утврдената состојба на постојаност, која како и секоја навика, природно им одолева на искушенијата што не постигаат кога благодатта видливо одсуствува. Така и сокривањето на благодатта има за единствена цел утврдување на нашите богообразни и богоподобни душевни сили во состојба на природна постојаност својствена на навиката, а заради нејзино повторно дејствително љубовно пројавување и наѕидување, од слава во слава, од чест во чест.

Благодатта е најтесно поврзана со љубовта, која единствена ни недостасува и единствено заради неа се пројавува, такашто, колкава љубов имаме, толкава благодат ни се дава, заради славење, благодарење и поклонување на Бога. Таа е жезолот на љубовта со кој Господ не раководи и упатува кон Себе и токму, знаејќи го тоа, нејзиното одсуство е толку вознемирувачко за секој нејзин подвижник, што на самото сокривање му придава вонредно воспитна намена. Сокривајќи ја благодатта, Господ уверливо ни покажува,  колку всушност љубовта не раководи.

На крајот, самиот се прашувам: Што е тоа благодат? Зарем не е она неспоредливо задоволство што не обзема поради увереноста и убеденоста во љубовта.  Зарем не е таа искуство што ги надминува сите блаженства, како надреален престој во вечноста кога излегуваме од повеста и ја надвишуваме совеста, готови на секакво покајание и подвиг, спремни на се што им доликува и им прави чест на љубените.

Да, таа е присуство на Светиот Дух, кое благословува и удостојува со Небесното Царство.

Христос Воскресе!

Слава Ти Господи!

Advertisements
This entry was posted in на македонски јазик. Bookmark the permalink.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s